Развој на лабораториски вежби и инструментација за СЕТУГС „Михајло Пупин“

Галерија: 

Наставниот процес во средните стручни училишта од електротехничката струка се соочува со континуирани предизвици. Како да се едуцира кадар способен да одговори на потребите од новите технолигии, умеења и вештини, е прашањето на кое училиштата треба да дадат одговор. Токму оваа потреба на пазарот на трудот, создава обврска пред средните стручни училишта да организираат наставен процес кој ќе има приоритетна задача да создава млади, квалитетни стручни кадри, подготвени да одговорат на современите професионални предизвици во струката.
ДТК Смарт-тек е формирана како спин-оф компанија од страна на тројца универзитетски професори при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Нашиот тим, како тим со широка академска заднина, се одликува со големо искуство во научно-истражувачката дејност и образовниот процес. Како таков, тимот може да понуди услови за поинаков пристап во организацијата и реализацијата на лабораториската практика во стручните училишта.
Оваа идеја се базира на примена на нови и актуелни технологии во наставниот процес преку користење на концептот на виртуелна инструментација. Смарт-тек, покрај примарната дејност во областа на системи за менаџирање со енергија и анализи на енергетска ефикасност, се занимава и со развој на мерна инструментација. Тука, меѓу другото, спаѓа и виртуелната инструментација, која последнава децнија наоѓа голема примена, како во индустријата и академската средина, така и во образовниот процес. Во поширока смисла, виртуелен инструмент претставува софтверски-контролиран систем за генерална намена чија функционалност се реализира преку персонален компјутер и специјализирани хардверски електронски единици.
За потребите на СЕТУГС „Михајло Пупин“, ДТК Смарт-тек разви сет лабораториски вежби за предметот Електротехника. Станува збор за целосен развој, реализација и имплементација на десет лабораториски вежби кои преку реални и практични примери, ќе им ги приближат основните закони на електротехниката на учениците.
Вежбите се состојат од хардверски реализирана макета и компјутерска програма за секоја од вежбите, како и лабораториски практикум кој содржи теоретска основа и упатство за изработка на вежбите. Програмата е интерактивна и го води учениот низ вежбата чекор по чекор. Концептот е следниот: ученикот се запознава со проблематиката опфатена со вежбата, извршува симулација и пресметки за величините во програмата и, конечно врши мерења на реални величини со помош на хардверската макета и програмата, кои ги потврдуваат резултатите од симулацијата.
Целта на вежбите е учениците самостојно да изведат заклучоци за основните закони на електротехниката и истите да ги потврдат преку симулација и со реални мерења. Ваквиот пристап е исклучително ефикасен при запознавање со проблематика од која било област, особено кај младите, и широко се имплементира низ целиот свет.
За нашата компанија претставува огромно задоволство што може да се пофали дека ваков начин придонесува кон развојот на образовниот процес во средните стручни училишта, што неминовно ќе резултира со создавање на добро обучени и квалификувани стручни кадри.